Крај на долгите листи за чекање на места за упис на дечиња во градинка, можеби досега се чинеше како горлив проблем кој тешко ќе се реши во Македонија. Но по новите најави и планот за сериозна работа од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се чини дека конечно работите ќе почнат да функционираат како што треба.
Министерот Фатмир Лимани најави дека во тек е изградба, доградба и опремување на 15 градинки кои ќе овозможат прифаќање на околу 1.400 деца, а до 2028 година е планирано отворање на 25 нови градинки низ државата.
По оваа мега најава, КУРИР побара одговори од министерството, за јавноста да биде подетално информирана.
Од таму ексклузивно дознаваме дека нови градинки ќе бидат изградени во Аеродром (населба Лисиче), Кисела Вода (населба Расадник и населба „11 октомври згради“), Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Куманово, Штип, Свети Николе, Кратово, Илинден, Петровец, Зелениково, Демир Капија, Студеничане, Струга, Гостивар, Брвеница – Челопек, Боговиње, Дебар, Гевгелија, Карбинци с.Таринци, Кочани, Битола, Пробиштип, Центар, Илинден, Теарце, Делчево и Прилеп.
Од министерството нè информираат дека од овие, во моментов во тек се изградби/доградби/ опремување на следниве 15 градинки: Општина Свети Николе, с.Ерџелија, Могила, Дебар, Гевгелија, Карбинци, с.Таринци, Кочани, Битола, Аеродром, Пробиштип, Центар, Илинден, Теарце, Делчево, Битола и Прилеп.
Колку е сериозен проблемот кон чие решавање тргна министерството, најјасно говори фрапантната бројка на дечиња кои чекаат место за упис во градинка. КУРИР дознава дека во моментов таа бројка е околу 4800 деца.
Уште една најава на Лимани која од страна на јавноста беше дочекана со одобрување се однесува на вработувањето на негователки.
Министерот најави вработувања на негувателки во градниките, за што законот за нови лиценци се изготвува и, како што истакна Лимани, до крајот на овој месец најверојатно ќе помине на Влада и во Собрание.
КУРИР и на оваа тема побара дополнително објаснување од министерството.
-Во врска со прашањето за бројот на вработени во градинките предвидени да се отворат до крајот на мандатот, посочуваме дека таа бројка ќе биде во согласност со потребите за вработување на јавната установа за предучилишно воспитание и образование. Во однос на реалната неопходна бројка за вработување на стручен кадар во постоечките градинки, согласно моменталните анализи на Министерството за потреба од вработувања по основ на испразнети работни места заради пензионирање или завршување на работниот однос, се работи за бројка од околу 200 лица за 2024 година, а согласно податоците за предвидено пензионирање и завршување на работен однос за 2025 година, станува збор за бројка од околу 180 лица на ниво на држава, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади за КУРИР.
Од министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека продолжуваат да работат во насока на обезбедување на квалитетен предучилишен процес, вложувајќи во изградба на градинки согласно стандардите за таа намена и соодветен стручен кадар кој се грижи за правилен ран детски развој.