Аерозагадувањето во урбаните средини стана главен социјален, здравствен, еколошки и економски проблем, а незагадена средина е клучен фактор за квалитетен и здрав живот на сите граѓани.
Македонската влада, грижејќи се за здравјето на граѓаните, веќе разви план и стратегија за намалување на загадувањето. Премиерот Христијан Мицкоски обзнани дека за 60% ќе биде намалено загадувањето, но тоа не е нешто што се решава веднаш, туку ќе треба да помине период од барем три години. Министерството за животна средина и просторно планирање пак, ги интензивира активностите за чист воздух.
КУРИР го контактираше примариус доктор Оливер Зафировски, директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, за препорака- како граѓаните во моментов да се заштитат од штетните честички.
-Секој ден просечно возрасно лице инхалира околу 15 до 20 илјади литри воздух. Според Светската здравствена организација скоро 9 од 10 лица сега дишат загаден воздух од кој страдаат над 7 милиони луѓе секоја година. Загаденоста влијае и на респираторни заболувања како што се астмата, ХОББ и карцином на бели дробови. И возраста на загадувањето може да предизвика одредени здравствени проблеми кај луѓето кои се манифестираат преку отежнато дишење, иритација на респираторниот систем, астма, влошување на хроничен бронхитис, како и состојби на кардиоваскуларниот систем, како и срцеви заболувања, ангина, инфаркт и други проблеми со срцевиот ритам, вели за КУРИР доктор Зафировски.
Бидејќи Скопје е во котлина состојбата со загадувањето е уште полоша
-Географската положба на Скопје е во котлина, а големата урбанизација, зголеменото аерозагадување од издувните гасови од дизел моторите, од индустријата, доведува аерозагадувањето секоја година станува се поголемо и поголемо и создава воспалителни реакции на поголем број на респираторни, кардиоваскуларни и други хронични болести. Аерозагадувањето влијае и врз трудниците, потенцира Зафировски и додава:
„Кога има зголемено аерозагадување треба да се намалат сите активности на отворен простор, вежбање, трчање… посебно кога имам аерозагадување и магла. Исто така да се скрати и работното време кај луѓе кои имаат хронични болести, да не ги напуштаат своите домови, да ги затворат прозорците, бидејќи тоа ќе ја намали концентрацијата на штетни материи кои од надвор влегуваат во домовите“.
Внатрешното аерозагадување е многу поштетно
-Исто така внатре во домовите, несоодветно греење и пушење цигари е многу поопасно од аерозагадувањето надвор. Има и други системски мерки, ослобобување од работа посебно на луѓе кои имаат кардиоваскуларни и белодробни заболувања. Сепак треба Министерството за екологија да си земе сеопфатна програма. Треба да се вклучат и сите одговорни министерства треба да изготват акциони планови и кога ќе има поголемо аерозагадување да бидат со конктерни мерки заштеитни сите граѓани на Македонија, подвлекува доктор Зафировски.
Мицкоски: Владата има план- за 60% ќе биде намалено загадувањето
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција го откри планот за намалување на загадениот воздух, кој деновите е алармантен особено во Скопје.
Мицкоски рече дека Владата има план како ќе го намали загадување, но истакна дека не може веднаш да се очекуваат резултати, туку ќе треба да поминат 3-4 години.
-Шокира порака од опозицијата за загадениот воздух, затоа што седум години камен на камен не ставија, ако работеа можеби сега ќе беше поинаку. Но, ние работиме интензивно. Најголемиот фактор за загадување е тоа што системот на кој се затоплуваат домовите користи дрва и се останато: масло, паркет, стари плакари и слично. Тоа е од прилика 60% од причините зошто имаме загадување, и тоа не се решава преку ноќ, ќе треба време. Затоа што ништо не е направено, ние сме во потрага на партнери во однос на пазарни услови, кои заеднички ќе вложат во систем на затоплување на нашите домови кој ќе биде на резултат на согорување на природен гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека за 60% ќе биде намалено загадувањето и почнуваме да го развиваме. И да предупредам, не може да очекуваме дека денеска или следната недела ќе биде исчистен воздухот, можеби за 3-4 години од денес. Тоа не е нешто што се решава веднаш и сега. Не постои магија што може тоа да го направи, подвлече Мицкоски.
МЖСПП ги интензивира активностите за чист воздух
Со почетокот на грејната сезона и промента на временските услови се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот што влијаат врз здравјето на луѓето. Министерството за животна средина и просторно планирање работи во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, но оваа година проектираше низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположиви ресурси во навремено преземање на конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагаденоста, велат од ресорното министерство.
-Во Министерството е формирана интерна работна група за чист воздух од претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата Акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности чија цел е да забрза процесот на постигнување на видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот.
За квалитетот на воздухот мора сите да преземеме нешто, а Министерството за животна средина и просторно планиарње оваа сезона делува проактивно и со предлог мерки и со мотивирање на различните чинители да се подготват и посериозно да делуваат во пресрет на зимската сезона.
Направен е План за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-Интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а екипата ќе биде составена од претставници на Државниот инспекторат за животна средина и од Министерството. Целта не е само да се изврши контрола на индустрискот капацитет дали ги исполнува обврските од дозволата, туку и да се влијае на подигање на свеста и подготвеноста на компаниите во пресрет на зимската сезона да преземат и дополнителни мерки со кои би влијаеле позитивно врз квалитето на воздухот.
Министерството за животна средина и просторно планирање апелира до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени чинители за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето на возила, градежните работи на отворено, палењето на стрништа и слично, со цел сите заедно да дадеме свој придонес кон обезбедување на почиста и поздрава животна средина и подобрување на квалитетот на животот за сите нас.
Министерството ја континуирано ја следи состојбата со квалитетот на воздухот, редовно ги информира граѓаните и ќе преземе и други дополнителни активноси за што јавноста ќе бид правовремено информирана, додаваат од МЖСПП.