На барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнатата Вања Ѓорчевска од страна на Интерпол. МВР до Интерпол објавило Жолта потерница што значи дека вакво информирање добиле сите полиции членки на Интерпол, во случај таа повеќе да не се наоѓа на територија на Република Македонија.
Од МВР информираа дека за решавање на случајот и пронаоѓање на 14-годишното девојче е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.
„Податоците за исчезнатото лице на 28 ноември во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол“, велат од МВР.
Се додава дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.
Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Жолта потерница е глобално полициско известување за исчезнати личности. Се објавува за лица жртви од напуштено семејство, киднапирање, како и за изненадно исчезнување.