Извесно е дека победата на Доналд Трамп ќе донесе нова динамика на светската политичка сцена. Но, како неговата победа ќе влијае на Македонија?
Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Александар Спасеновски во изјава за КУРИР вели дека Македонија, може да профитира од блиските релации на своите владини претставници со клучни личности од тимот на Трамп.
-Трамп е познат по својата способност да ги предизвика традиционални дипломатски модели, со што се отвора простор за прилагодувања на актуелните форми на соработка и поголема глобална рамнотежа.
Во однос на европските држави, се очекува дека традиционалната соработката со САД ќе продолжи, но под изменети услови кои ќе ги мотивираат земјите од Европа да заземат поактивна улога за својата безбедност и за остварување на трансатлантските цели, потенцира професорот Спасеновски за КУРИР.
Како победата на Трамп ќе влијае на Македонија?
Според Спасеновски, ќе се зајакнат односите Македонија-САД и ќе се привлечат нови инвестиции.
-Македонија, може да профитира од блиските релации на своите владини претставници со клучни личности од тимот на Трамп. Ова може да ги зајакне уште повеќе односите на нашата држава со САД и да привлече нови инвестиции. Македонија има шанса за зголемена американска поддршка во економијата и безбедноста, како и за дигитална трансформација и иновативни проекти кои би ја зајакнале стабилноста и развојот на земјата, вели професорот Спасеновски и додава:
„За самите Соединети американски држави, победата на Трамп значи продолжување на политиките насочени кон економски раст и натамошно зацврстување на националните интереси, со посебен акцент на економскиот развој и безбедноста на државата“.
Трамп вели дека е направена историја, политичка победа која државата досега не ја видела.
-Ќе и помогнеме на нашата земја да заздрави, изјави денеска републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Ова, според него, беше најголемото и најдоброто политичко движење во оваа држава и сега ќе достигне ново ниво.
-Ќе порасне и ќе и помогне да државата да заздрави. Имаме држава на која и треба помош, ќе ги поправиме границите, ќе поправиме се’. Направивме историја со причина вечерва. Политичка победа која нашата државата не ја видела досега. Им благодарам на луѓето што гласаа избирајќи го новиот претседател, изјави Трамп.
Честитки за Трамп
Честитки за огромната победа пристигнуваат и од македонските владини претставници.
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на САД.
-Во мое лично име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави.
Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата.
Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи.
Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион.
Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!, пишува Мицкоски на Фејсбук.
За потсетување, една меѓу првите средби на Мицкоски, по добивање на премиерската функција беше во Вашингтон со еден од најблиските луѓе на Трамп, Ричард Гренел, кој се смета за претендент за висока позиција во администрацијата на САД.
Првата средба со Гренел и Мицкоски беше во Вашингтон, на која присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а втората средба следеше брзо потоа во кабинетот на македонскиот премиер.
И заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски му ја честиташе победата на Трамп.
-Демократските вредности уште еднаш ја потврдија силната верба на американскиот народ за обезбедување на стабилна и просперитетна држава. Македонија и понатаму останува силен сојузник на САД и граѓаните, стратешки партнер во евроатланските процеси и промотор на глобалниот мир и поредок, објави Николоски на својот Фејсбук.
Честитка упати и министерот за одбрана, Владо Мисајловски за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
-Честитки и најдобри желби до претседателот Доналд Трамп и до целиот американски народ!, објави Мисајловски на својот Фејсбук профил.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, исто така испрати честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата изборна победа.
-Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена, напиша Муцунски.
Катерина Бојаџиева