Владата на Србија денеска соопшти дека земјата ја купила директивата „бр. 25“, со која германскиот канцелар Адолф Хитлер на 27 март 1941 година издал наредба за напад врз Кралството Југославија и Кралството Грција.
Во соопштението се наведува дека документот, чија содржина го означи почетокот на Втората светска војна на целата територија на Кралството Југославија, по својата важност е споредлив со телеграмата со која Австро-унгарската империја му објави војна на Кралството Србија на 28 јули 1914 година.
– Овој документ содржи и експлицитна наредба за спроведување на брутални воздушни напади и деноноќно бомбардирање на Белград, подготвеност да им предадат делови од својата територија на Бугарија и Унгарија по окупацијата на Југославија, како и тоа дека со политички ветувања на Хрватите ќе се заостри внатрешно-политичката тензија во Југославија, се наведува во соопштението.
Се додава дека содржината на таа директива резултирала, меѓу другото, и со создавање на сите неопходни предуслови за формирање на независна држава Хрватска, односно за иницирање геноцид врз припадниците на српскиот народ на целата нејзина територија. (МИА)