Амбасадорот на Израел во Обединетите нации ја обвини Турција за „злонамерност“, откако Анкара го предаде писмото потпишано од 52 држави во кое се повикува на „замрзнување“ на испораката на оружје за Израел поради војната во Газа.
„Што друго може да се очекува од земја чии постапки се водени од злото во обид да се создаде конфликт со поддршка на земјите од ‘Оската на злото’“, рече амбасадорот Дени Данон, користејќи навредлив термин за да ги опише арапските земји кои го потпишаа писмото.
Турското Министерство за надворешни работи во неделата соопшти дека го доставило писмото до Обединетите нации, а меѓу потписниците се и Арапската лига и Организацијата за исламска соработка.
„Ова писмо е уште еден доказ дека ОН се управувани од некои злонамерни земји, а не од либерални земји кои ги поддржуваат вредностите на правдата и моралот“, рече Данон.
„Затоа, го објавуваме овој заеднички повик за преземање итни чекори за да се запре испораката или трансферот на оружје, муниција и опрема за Израел, окупаторската сила, во сите случаи кога постојат разумни причини да се сомневаме дека тие би можеле да бидат употребени во окупираната палестинска територија“, се вели во писмото.
Се додава дека Советот за безбедност на ОН мора да преземе чекори за да обезбеди усогласеност со неговите резолуции „кои флагрантно се прекршуваат“.
Израел се соочи со меѓународни критики за неговото водење на војната во Газа, во која израелската армија уби најмалку 43.374 луѓе, од кои повеќето цивили, според податоците на Министерството за здравство кои Обединетите нации ги сметаат за сигурни. (МИА)