Република

Се гради нов пристап до штипската Клиничка болница

Се гради нов пристап до штипската Клиничка болница

Почна изградбата на новиот пристап до Клиничка болница во Штип. Градежните машини веќе работат на новиот пристап на болницата, на улицата Љубен Иванов“. Инаку, овој влез порано се користел од страна на возилата на болницата и на Итната медицинска помош, но беше затворен. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев на денешната прес-конференција истакнаа дека преку новиот влез на болницата, ќе се овозможи побрз пристап пред се на возилата на Брзата помош од сите градови во источниот регион, воедно ќе се зголеми и бројот на паркинг места.

-Веднаш до некогашната стара капија на Клиничка болница – Штип, овде се започнати активности за поставување на нов потпорен ѕид, уредување на пристапот и овозможување на еден нов пристап до болницата во Штип. Со ова се овозможуваат и повеќе паркинг места. Веќе во втора фаза е планирано целосно асфалтирање на сите улици во кругот на болницата, вели Јорданов.

Ова ќе биде посебен експресен влез за Брзата помош, вели директорот на Клиничка болница-Штип,Владко Захариев. Посочува дека со овие активности ќе се подобрат условите за пациентите од Штип, но и цел регион.

-Се работи на подобрување на пристапноста на услугите кои треба да ги нудиме на граѓаните. Ова ќе биде посебен експресен влез. Со тоа ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, вели Захариев.

Инвестицијата од околу пет милиони денари е на Општина Штип, а по реализацијата на проектот на крстосницата кај училиштата „Ванчо Прќе“ и „Димитар Мирасчиев“ ќе биде поставена сигнализација, која ќе ги упатува возилата на Брзата помош од сите градови на истокот да се движат кон новиот влез на болницата.

To top