Албанските опозициски пратеници продолжуваат со „граѓанската непослушност“, вечерва со блокирање на пленарната седница на законодавниот дом, појава која е присутна повеќе седници по ред.
Седницата, на која на дневен ред беа повеќе прашања „траеше“ дваесеттина минути, но не ни почна поради тензичната ситуација.
Веднаш по влегувањето, демократите ја блокираа собраниската говорница, удираа по масите, а пратениците Оерд Булукбаши и Еди Палока ги ставија своите мобилни телефони на микрофонот на говорницата, вклучувајќи апликација што произведува бучава. И покрај зголеменото обезбедување состојбата не се нормализира.
Тие држеа транспаренти на кои пишуваше „Еди Рама, Наркостат“; „Слободни и фер избори“.
Со седницата претседаваше потпретседателот на парламентот Бледи Чучи, бидејќи претседателката Елиса Спиропали е во посета на Ватикан. Тој беше принуден да ја прекине седницата.
Имајќи ја во предвид хаотичната ситуација што беше создадена во и надвор од парламентот, во близина на просториите на Собранието беше стационирано противпожарно возило а беше поставена металната ограда околу објектот.
За утре попладне, демократите најавија блокирање на повеќе национални патни правци во земјата во период од три часа.