Најважно е денеска да се гласа, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по гласањето во гимназијата „Џ.А. Мекгахан“ во Софија.
„Сите сакаме да заврши овој исцрпувачки маратон на континуирани избори, но да имаме одржлив и остварлив парламент, да имаме не само редовна, туку ефикасна редовна влада која може да носи храбри одлуки и да ја води земјата кон реализација на националните важни цели, важно е овие две институции – парламентот и владата – да имаат соодветен легитимитет. А сите знаеме дека овој легитимитет произлегува од масовното, солидно учество на граѓаните на изборите. Така што мојот апел до Бугарите денеска е да гласаат. Има уште пет часа, не е малку време, апелирам секој да најде неколку минути и да излезе и да гласа, додаде Радев.
Граѓаните на Бугарија денеска избираат 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова се шести предвремени парламентарни избори по редовните на 4 април 2021 година. Последните предвремени избори се одржаа на 9 јуни годинава.
Изборниот ден почна во 7 часот, а завршува во 20 часот, и може да се продолжи до 21 часот ако пред избирачкото место има гласачи кои не гласале. Гласањето во странство започнува во 7 часот и завршува во 20 часот, односно 21 часот по локално време.
На изборите за Национално собрание учествуваат 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат. (МИА)