Доста несериозно од страна на двајцата мои колеги- градоначалници е тоа што одредени нивни погледи кон ЗЕЛС ги соопштуваат едниот преку Фејсбук статус, а другиот закажувајќи прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да бидам информиран за било какви недоразбирања или проблеми со нивното функционирање, или било каков проблем поедничен за кој требало да ме информираат мене како претседател и ЗЕЛС како асоцијација на сите општини.
Вака претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски за КУРИР, ги коментира потезите на градоначалниците на општините Струмица и Карпош, Костадин Костадинов и Стевчо Јакимовски, по најавите за напуштањето на ЗЕЛС.
-Можам да истакнам дека колегата Костадинов изминатиов период кога се соочува со проблем неколкупати пробував лично да го исконтактирам за да видиме како може да помогнеме, но не наидов на одговор од негова страна. Тоа ми остава сомнеж дека некој се труди да вмеша политика во целиот процес, вели првиот човек на ЗЕЛС.
Жителите на општините да не бидат во заложништво
Ѓорѓиевски потенцира и дека не дозволува политиката да се меша во процесот на делување.
-Гледаме да бидеме медијатори за да се надмине секој проблем. Апелирам до двајцата мои колеги да се вразумат и малку посериозно да погледнат на нивните потези… Одредена лична причина или политичка побуда кај поединец, сметам дека не е добро да ги стави во заложништво жителите на цели општини. Вратата во ЗЕЛС како и до сега е отворена за сите. Секој проблем се решава, се надевам дека разумно ќе постапат.
Од општина Струмица во текот на денешниот ден беше испратено соопштение до јавноста дека се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа, но Ѓорѓиевски посочува дека до овој момент до ЗЕЛС не е стигнат официјален допис.