Над 1.100 ученици од Куманово ја користат мерката за бесплатно пливање во затворениот градски базен, соопштија денеска надлежните од секторот за образование на општина Куманово. Општината годинава за оваа мерка одвои десет милиони денари. Учениците ги обучуваат професори по спорт.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски смета дека проектот има исклучително значење за правилен развој на децата.
– Со ова постигнуваме повисоко ниво на нашите ученици да научат да пливаат, а дополнително и да се рекреираат, да се унапредат на ниво на добри пливачи и секако она што е најважно да научат да живеат здрав живот во спортски дух. Сакам да се заблагодарам на сите оние коишто се вклучени во имплементација на проектот, а воедно и на родителите кои исто така даваат можност на своите деца да го посетуваат овој проект, а ние ќе се обидеме како Општина Куманово и за претстојната 2025 година да обезбедиме преку Советот на Општина Куманово дополнителни финансиски средства за да овој проект на затворениот градски базен продолжи да функционира, изјави Димитриевски.
Во проектот опфатени се 40 професори. Учениците пливаат во претпладневните и попладневните часови во зависност од смените на училиште. Куманово е прва општина во државата која воведе ваков проект и бројката на заинтересирани ученици постојано расте.