Колку е можно побрзо, Бугарија треба да ја обнови водечката улога на Балканот. Не да реагираме, не да следиме општи политики, туку да ги креираме, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, откако положи венец на спомен-плоча во Сараево, симбол на пријателството помеѓу Бугарија и Босна и Херцеговина.
– Конечно е време да ги извадиме главите од песокот, да престанеме да се занимаваме со нашите внатрешни семејни и провинциски кавги и да се вратиме таму каде што ни е местото, истакна Радев. – Во Босна и Херцеговина гледаат на Бугарија како на силен и достоен член на НАТО и на Европската Унија – земја со демократија, развиена економија и социјален систем. Тие гледаат на нас со надеж – да поддржуваме, да помагаме, да водиме, вели Радев.
Тој потсети дека Бугарија е првата земја која ја призна независноста на Босна и Херцеговина во 1992 година.
– Моето прашање до бугарските политичари е каде остана таа Бугарија – Бугарија која прва реагираше на сите важни проблеми во регионот, која беше прва во донесувањето на одлуки, која беше прва во поддршката, која го иницираше процесот за безбедност во Југоисточна Европа, додаде Радев.
Тој апелираше до бугарските политичари да ги решат внатрешнополитичките проблеми и да ја вратат Бугарија на Балканот „во еден поширок регионален план“, бидејќи земјата има докажано дека може да води со конструктивни политики и може да иницира важни процеси, пренесува БТА.
Пред средбата со генерал-полковник Ласло Штиц, командант на силите на ЕУ во Босна (ЕУФОР) во операцијата „Алтеа“, Радев рече дека оценката на босанските власти за работата на бугарските војници во операцијата е исклучително висока.
– Ова е јасен знак дека Бугарија е свесна за важноста на безбедноста и стабилноста во овој регион, за да имаме безбедност и стабилност во Југоисточна Европа. Затоа Бугарија е тука, Бугарија е силно ангажирана и ќе продолжи да биде силно ангажирана, нагласи Радев.
Во моментов бројот на бугарски војници во „Алтеа“ е 121. Радев рече дека денеска ќе им се заблагодари за важната улога што ја извршуваат за безбедноста и стабилноста на Босна. – Тие работат во многунационален формат, но нашите војници уживаат исклучително висок респект за нивниот професионализам и посветеност, забележа бугарскиот претседател и додаде дека Бугарија ќе продолжи да помага на вооружените сили на Босна и Херцеговина, така што тие да постигнат повисок стандард во нивната подготовка и на патот кон членство во НАТО.
Според него, ситуацијата во земјата моментално е мирна и стабилна, но за да се минимизираат ризиците, операцијата „Алтеа“ ќе продолжи, а Бугарија, како одговорен член на оваа мисија, ќе продолжи со своето присуство.
– Во моментов (во БиХ) нема политички консензус за членство во НАТО, додаде тој. – Но јас продолжувам да ги потсетувам властите тука да погледнат во блиската историја на Југоисточна Европа – сите земји кои се членки на ЕУ, пред тоа станаа членки на НАТО. Ако ги погледнете и другите земји од Западен Балкан – Албанија, Црна Гора, Северна Македонија – тие веќе се членки на НАТО и се борат за членство во ЕУ. Тоа е утврдениот пат до сега. Јас ги охрабрувам властите овде да ја разгледаат уште еднаш евроатлантската перспектива, бидејќи има консензус за европскиот пат, рече Румен Радев.
Шефот на бугарската држава е во официјална дводневна посета во Босна и Херцеговина на покана од претседавачот на босанското Претседателство Денис Бечировиќ. Денеска тој се сретна со високиот претставник на меѓународната заедница во Босна Кристијан Шмит, како и со претставници на босанскиот парламент.