Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во вечерашното гостување на Дневникот на МТВ информираше дека оваа среда ќе бидат познати резултатите од процесот на евалуација за распределба на средствата од Владата кон општините.
По ова, истакна, ќе започне и потпишувањето на договорите со ресорните министерства кои ќе овозможат реализација на проектите и надминување на повеќедецениските проблеми на граѓаните.
-Од она што го добив како најнова информација во координација со Владата и Претседателот на Владата е дека сега, во среда, на седница на Владата ќе треба да се изгласаат заклучоците во однос на евалуацијата од сите проекти која беше извршена од страна на работната група која тоа го работеше. Ова значи дека во наредните неколку дена започнува процес во кој општините ќе треба да потпишуваат договорите со ресорните министерства за реализација на проектите за кои аплицирале, рече тој.
Посочи дека ЗЕЛС како институција ја оценува оваа досегашна фаза за успешна.
-Секако, како и во секој процес постојат одредени аномалии кои во од ги препознаваме и во наредниот период заеднички ќе работиме на нивно надминување. Но, она што е генерално важно дека со овие средства ќе се решат повеќедецениски проблеми кои ќе им помогнат пред се’ на граѓаните, а потоа и на самите општини, изјави Ѓорѓиевски.