Бизнисот бара што поскоро да се донесе најавениот Закон за фер трговски практики. Откако трговците и останатите инволвирани во ланецот на трговија ги дадоа своите забелешки за законското решение сега очекуваат новите правила да стават ред во секторот трговија, анализира ТВ 24.
Од Сојузот на стопански комори велат дека доколку се отстранат сите неправди со кои се соочуваат производителите на прехранбени производи, не само што ќе се подобри нивната финансиска кондиција, туку и ќе има простор за нови инвестиции.
„Нето профитабилноста на сите производители изнесува два, три или четири проценти по завршна сметка, и тоа е така е во последните неколку години. Но за да ги пласираат производите, зборувам и за земјоделците и за произведувачите на прехранбените производи, во маркетите им бараат 25, 30 или 35 проценти од вкупната сума на приходот. Сметаме дека тоа е огромна неправда и не само што е неправда, ги носи произведувачите во рамките на опстојување, преживување, а додека трговците го земаат кајмакот, вели Горан Ѓорѓиевски од ССК.