Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денес беше во работна посета на општина Крушево.
-Во рамките на мојата работна посета на општина Крушево, имав можност да остварам средба со градоначалникот Томе Христовски, на која детално разговаравме за клучните предизвици со кои се соочува општината, особено во делот на предучилишното образование, социјалните услуги и загрижувачкиот тренд на иселување на младите. Иселувањето е еден од најголемите проблеми што го засега целиот регион, и потребно е да се преземат итни мерки за задржување на младите генерации и создавање на услови за нивен развој и успех во сопствената заедница. Еден од највпечатливите моменти од посетата беше посетата на дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби, каде што доделивме ранци донација од Универзитетот „Скопје”. Оваа донација е важен чекор за поддршка на ранливите групи во општината и ја покажува посветеноста на академската заедница кон социјалната одговорност. Посебна благодарност упатувам до ректорот, проф. д-р Аце Миленкоски, и до Универзитетот за нивната голема поддршка и солидарност, рече тој.
Велковски заедно со градоначалникот Христовски ја посети и детската градинка „Гонча Туфа“, каде што имаа можност да се информираат за состојбата во установата, условите во кои се згрижени децата, како и предизвиците со кои се соочува градинката.
-Образованието на најмладите е темел за развојот на секое општество, и затоа е неопходно да се обезбедат квалитетни и безбедни услови за децата уште од најрана возраст. Мојата посета продолжи со работна средба во Центарот за социјални работи Крушево, каде што заедно со директорот Христо Бојчиноски и вработените, разговаравме за тековната ситуација и можностите за подобрување на услугите што ги нуди центарот. Социјалните работници се столбот на заштитата на најранливите категории на граѓани, и нивната улога е клучна во обезбедувањето на поддршка за семејствата и поединците на кои им е најпотребна помош.
Оваа посета е дел од нашата континуирана работа на терен, со цел да ги слушнеме проблемите и предизвиците од прва рака и да работиме на заеднички решенија. Крушево, со својата богата историја и култура, заслужува постојана поддршка, а ние остануваме посветени на подобрување на условите за живот на сите граѓани, особено на најмладите и најранливите категории, посочи Велковски.