Македонија Светски ден на учителот

Јаневска: Нема да го заборавиме нашето ветување да им го направиме животот на наставниците подостоинствен

Како Влада и како Министерство се’ повеќе и повеќе бараме и ќе бараме од наставниците, но јас како ресорен министер, а и Владата нема да го заборавиме нашето ветување и ќе им го правиме животот подостоинствен, мотивот за работа поголем што значи ќе водиме сметка и за нивната финансиска состојба, порача министерката за образование Јанвеска.

Јаневска: Нема да го заборавиме нашето ветување да им го направиме животот на наставниците подостоинствен

Сојузот на просветните работници на Република Македонија со доделување признија на девет просветни работници од предучилишно, основно и од средно образование денеска на пригодна свеченост во Скопје, во приство на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го одбележа 5 Октомври – Светскиот ден на учителот.

Министерката Јаневска, во обраќањето по повод доделувањето на признанијата на најдобрите просветни работници за учебната 2023-2024 порача дека Владата нема да ги заборави ветувањата за подостоинсвен стандард и услови за работа на просветните работници.

-Денес сме собрани на овој настан по повод на еден прекрасен ден, ден кој се вика Интернационален ден на наставникот. Тука сме дојдени по покана на Здружението на просветни работници кои избираат најдобри просветни работници во последната учебна година. Оваа година тоа се девет луѓе од предучилишно, основно и средно образование на кои Здружението ќе им додели плакети, а во нивно име сме тука присутни градоначалникот и јас да го сториме тоа. Би сакала да назначам дека е особено значајно да внимаваме, да си ги чуваме и да си ги почитуваме наставниците затоа што тие не создале прво сите нас, а понатаму ќе ги создадат и останатите млади луѓе да станат сериозни граѓани на ова општество. Како Влада и како Министерство се’ повеќе и повеќе бараме и ќе бараме од наставниците, но јас како ресорен министер, а и Владата нема да го заборавиме нашето ветување и ќе им го правиме животот подостоинствен, мотивот за работа поголем што значи ќе водиме сметка и за нивната финансиска состојба, порача министерката за образование Јанвеска.

Лидија Николовска Георгиевска, претседателката на Сојузот на просветните работници истакна дека со години традиционално го организираат овој настан, во соработка со МОН како ресорно Министерство.

-Како Сојуз секогаш настојуваме да го привлечеме вниманието на јавноста за трудот и вложување на напорите на просветните работници затоа што тие создаваат многу генерации и треба голема почит кон нив. Ние иако сме позната просветителска држава, сепак го немаме она достоинство, честа и почитта кон просветните работници бидејќи секоја генерација си носи свои работи, рече Николовска Георгиевска на свеченоста што се одржа во ЈУДГ „Детска радост“ во населба Автокоманда

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој исто така ја истакна значајната работа на наставниците за развојот на општеството.

Светскиот ден на учителите се одржува секоја година на 5 октомври за да ги слави сите наставници ширум светот. На тој ден се потсетуваме на важната улога на наставниците и другите професионалци во образовниот систем за растот и развојот на секое дете и правото на секое девојче и секое момче на образование, без разлика кои се и каде живеат, на формален и неформален начин. (МИА)

To top