„Енергетиката е основа на се кога станува збор за економијата и економскиот развој на државата. Вие ако немате енергетска стабилност никој нема да дојде да инвестира и покрај сите оние атрибути бидат задоволени, еве теоретски и да имаме и политичка стабилна состојба и да нема корупција, и сето тоа да е така, ако вие немате ресурси енергетски да им понудите на инвеститорите тогаш тие ќе најдат некоја друга дестинација каде што ќе има“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата на тема Економски принципи која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ кој е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените.“
Мицкоски додаде дека во Македонија за жал сега се случува еден процес кој што претставува еден вид златна треска кога станува збор за инвестиции во соларни панели, фотоволтаици, сега во последно време се слуша и за ветерни електрани итн. И сето тоа кое што во моментов е во процес можеби за 50% го надминува годишниот конзум на Македонија како држава. Тоа во моментов е огромна бројка. А, прашањето е како мрежата сето тоа ќе го прифати и дали тоа е технички возможно.
„Од тие информации јас кои што ги имам во овој момент во оптег во Македонија се обидуваат во обновливи извори на енергија да бидат инвестирани некаде околу 7 до 8 илјади мегавати. Да речеме РЕК Битола кога би работела во својот полн капацитет со сите три блока, модернизирана, нова итн. нема да натфрли 675 мегавати. Значи ова е за 10 пати повеќе од РЕК Битола. Во електроенергетскиот систем не е се во производството. Таа енергија која што ја произведувате треба народски кажано да ја закачите на жица. Така што има еден момент кој што се вика пренос и дистрибуција. Нашиот технички капацитет во моментот не е ни на 20% од ова кое што во моментов претставува златна треска“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека има многумина граѓани, компании кои што подбуцнати од определени центри во Владата земаат кредити, се задолжуваат за да вложат во еден ваков објект, а потоа за жал најголемиот дел од нив прво не можат да го закачат на мрежа, односно да се приклучат. А, второ и цената која што ја очекувале кога го правеле бизнис планот не е таква, каква што е.
„Со други зборови сето ова кое што во моментов се случува во Македонија е многу скап спорт и за жал сакам да ги предупредам сите оние кои што во моментов се почнати да размислуваат или имаат намера да размислуваат во оваа насока да не бидат лековерни на поединци кои што за ситна провизија да им завршат некоја работа во некоја државна институција владина ќе ги мотивираат да ги вложат последните пари, па и не само последните пари туку и да се задолжат итн. Нема како потоа технички сето тоа да функционира“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога мене би ме прашале како ја гледам иднината, ние мора да имаме како држава базна енергија. Ние мора да имаме производен центар кој што ќе произведува базна енергија. Без базна енергија која што ќе биде најмалку 50-тина проценти од портфолиото на државата ние како држава не можеме да функционираме“, нагласи Мицкоски.
Тој рече дека треба да се модернизираат РЕК Битола и Осломеј и да бидат производители на базна енергија.