Република 33-то издание на манифестација

Викендов во Кочани ќе се одржат традиционалните „Денови на кочанскиот ориз“

Ја користам приликата да ги повикам граѓаните и од другите градови да присуствуваат на сите настани, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

Викендов во Кочани ќе се одржат традиционалните „Денови на кочанскиот ориз“

Со крунисување на овогодишната жетварска убавица и музичка вечер со настап на македонската поп ѕвезда Каролина и диџеј забава со DJ Ацко, в петок почнува 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“.

По тој повод Општина Кочани организираше прес-конференција на која беа најавени програмските содржини што ќе се реализираат претстојниот викенд.

– Изборот на жетварска убавица в петок ќе се одржи на платото во Градскиот парк со почеток од 20 часот, а годинава ќе бидеме домаќини на гости од Црна Гора, Бугарија, Србија, Словенија, Унагарија, Босна и Херцеговина, како и од други градови од нашата држава. В сабота претпладне ќе биде отворена изложба на дела од нашата ликовна колонија „Св. Пантелејмон“, по што ќе следи празнично дефиле на здруженија, фолклорни ансамбли, институции и други групи, кои ќе имаат и настап на летната сцена во Паркот, истакна Ивана Карова Коцева од организацискиот одбор на манифестацијата.

В сабота ќе има повеќе музичко-забавни содржини за различни генерации посетители, а ќе бидат поставени и продажно-рекламни штандови од фирми и здруженија од Кочани.

-Традиционалното зажнејување и вршидбата на ориз ќе се одржи в недела од 10:30 часот на земјоделските површини во населбата Оризари, каде ќе биде доделено и овогодишното Признание за најуспешн земјоделец. Потоа ќе следува и културно-уметничка програма со настапи на оркестари, фолклорни ансамбли и концерт на Дамјан Стојаноски, додаде Аника Илијевска Ѓоргиева од Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов посочи дека организациските активности за „Деновите на кочанскиот ориз“ се во завршна фаза.

-При крај е уредување на локацијата каде ќе се одвиваат настаните и подготовката во делот на приемот на делегациите кои ќе ни бидат гости оваа година. Очекувам да имаме успешна манифестација, со што ќе ја продолжиме 33-годишната традиција на одбележување на жетвените активности на оризот како главна земјоделска култура во овој регион. Ја користам приликата да ги повикам граѓаните и од другите градови да присуствуваат на сите настани, истакна Папазов.

Организаторите упатија благодарност до триесетината компании кои се јавија како спонзори и помогнаа во финасиската реализација на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“.

To top