Безживотното тело на македонски државјанин е пронајдено минатата недела на гробишта во Бремен, а бидејќи по телото имало убодни рани, веднаш било јасно дека несреќниот маж бил жртва на убиство.
Набрзо било утврдено дека Имер Д.(40), кој ѝ бил од претходно познат на полицијата, бил убиен бидејќи ја демнел својата поранешна партнерка со која има дете, објави Билд.
Посетителите на гробиштата го пронашле неговото тело во локва крв меѓу гробовите и веднаш повикале полиција. Во текот на викендот, полицијата соопшти дека Имер починал од, најверојатно, убодни рани.
Соседите велат дека Имер постојано ја демнел поранешната партнерка.
„Сите овде имаа проблеми со него, никој не го сакаше“, велат соседите.
Наводно, убиениот државјанин на Македонија во последно време спиел на гробишта.
„Тој спиеше под покривот на капелата на гробиштата околу три недели“, рече еден локален жител, додавајќи дека капелата е веднаш спроти гробот на бабата на неговата поранешна сопруга.
Полицијата се уште трага по убиецот на Имер. Тие ги повикаа сите граѓани кои имаат некаква информација за убиениот, или за тоа што се случило на гробиштата во четвртокот да се јават.