Македонија Брисел

Мицкоски од Брисел: Ултиматуми не можеме да прифаќаме, критериум за членство во ЕУ да бидат постигнувањата

Премиерот посочи дека речиси две и пол децении откако го започна патот кон членство во ЕУ, земјава е жртва на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес и сега наместо да зборуваме за зачленување во Европската Унија, ние „се бориме да започнеме преговори во кои ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите“. 

Мицкоски од Брисел: Ултиматуми не можеме да прифаќаме, критериум за членство во ЕУ да бидат постигнувањата

Интеграцијата во Европската Унија треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“.

Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски од Брисел, каде вчера присуствуваше во работна посета, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. Мицкоски заедно со лидерите на останатите пет земји од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек што го организираше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, а имаше средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.

Мицкоски нагласи дека на овие средби се разговарало за европската перспектива на регионот и на нашата држава, при што потенцирал дека ние остануваме фокусирани да предлагаме решенија за предизвиците.

Премиерот посочи дека речиси две и пол децении откако го започна патот кон членство во ЕУ, земјава е жртва на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес и сега наместо да зборуваме за зачленување во Европската Унија, ние „се бориме да започнеме преговори во кои ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите“.

-Поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век, ние не можеме да се развиваме како држава за 21-от век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и  принципот тие се таму, а вие сте надвор и ако сакате да бидете таму, треба тоа да го прифатите… простете, но ние не можеме да го прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин, нагласи Мицкоски.

Тој потенцира дека бевме понижени многу пати иако во името на европските вредности и желбата да бидеме дел од европското семејство, променивме знаме, банкноти, неколку пати менувавме Устав и сменивме име, за на крај да се соочиме со ултиматум.

– Тоа не се тие европски вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен да разговарам со секого, додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу, изјави Мицкоски.

Премиерот порача и дека регионот и државата се уморни од ставањето на страна и од пречки кои се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата, па затоа мора да се направат поголеми напори за внесување на доверба и кредибилност на целиот пристапен процес.

Министерот Муцунски на крајот од посетата истакна дека Владата ќе продолжи да работи афирмативно и позитивно и да испорачува резултати во владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и во сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци, како дел од својата посветеност за продолжување по патот кон полноправно членство на земјата во Европската Унија.

Според него, во тој правец е сето она конкретно и опипливо што го има направено Владата во последните помалку од три месеци во правец кон исполнување на највисоките стандарди на ЕУ, како и она што таа го нуди како излезно решение за предизвикот кој го кочи процесот за фактичко откочување на пристапните преговори на земјата со Унијата.

– Очигледно постои предизвик создаден од лоши одлуки носени во минатото. И ќе повторам, ние работиме прво на заштита на нашиот национален интерес за да имаме предвидлив пат кон полноправно членство, а второ и на заштита на политиката на проширување. Веруваме дека со добра верба, добра волја и конкретни решенија, може да се најде излез од секој предизвик којшто постои, потенцира Муцунски.

Инаку, Муцунски за време на престојот во Брисел имаше средба и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, кому му врачи Плакета за постигнатите успеси во знак на благодарност за неговата посветеност кон обезбедувањето глобална безбедност и кон повисоки стандарди на одбраната, како и за сето тоа што го има направено за нас како држава, но и за Алијансата.

Министерот за европски прашања Муртезани, пак, потенцира дека посветеноста на Владата за брзо зачленување на земјата во ЕУ се гледа и во брзото усвојување на реформската агенда која што е дел од Планот за раст на Западниот Балкан, кој, како што нагласи, претставува рамка преку која Унијата ги третира земјите од регионот слично како да се нејзини членки.

– Ако ги додадеме и геополитичките случувања и приоритетот на ЕУ во политиката на проширување, сметам дека е одличен момент како земја брзо да чекориме кон полноправно членство во Европската Унија, рече Муртезани.

Планот за раст на Западниот Балкан беше главна тема на работниот ручек на Фон дер Лајен со лидерите од регионот. Во објава на Икс по средбата, Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа.

– Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот, наведе Фон дер Лајен во објавата.

Европската комисија лани го промовираше Планот за раст на Западниот Балкан, во чии рамки е формиран и Инструмент за раст и реформи вреден шест милијарди евра наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права. Целта на Планот е жителите и економиите на земјите од Западниот Балкан да ги почувствуваа придобивките од членството во ЕУ уште пред зачленувањето во Унијата.  (МИА)

 

Најнови вести од Македонија

To top