Македонија

Собрание почна расправа за Предлог-законот за заемот од Унгарија

Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од владините претставници, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби. 

Собрание почна расправа за Предлог-законот за заемот од Унгарија

Собранието денеска на продолжение на 14. седница почна расправа по Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет на 13 месецов го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заемот од Унгарија.

Вкупниот износ на заемот од Унгарската експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од владините претставници, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби.

Претходно, пратениците усвоија измени на неколку закони  и извештаи за институции за кои расправата беше завршена  претходно.

Изгласан е Законот за изменување и дополнување на Законот за бесплатна правна помош, по скратена постапка, со кој се превдидува наместо Бирото за судски вештачења, вештачењата за потребите на корисниците на секундарната правна помош ќе ги вршат физички лица запишани во Регистарот за вештаци или правни лица запишани во Регистарот на правни лица што вршат вештачење. Се уредуваат правата и обврски на учесниците во постапката за секундарна правна помош.

Беа донесени и законите за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, двата скратена постапка. Со тие закони се врши спојување на двете комисии со што се прави намалување на бројот на избрани и именувани лица и се поедноставува системот за одлучување по жалби.

Собранието не ја донесе Одлуката за одобрување на Годишен извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2023 година, а ги поддржа одлуките за давање согласност на Финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2024 година, за давање согласност на Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2024 година,  и за Годишната програма за работатa на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2024 година.

Согласно со препораките од матичните комисии, не беа изгласани Годишниот извештај за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2023 година, поради недоволно постигнати очекувани цели во делот на поттикнување на јавните комуникации и независноста на регулаторното тело, како и Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2023 година, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2023 година,… На пленарната седница не беа поддржани ниту Годишниот извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија за 2023 година, Извештајот за реализација на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухоплоство за 2023 година, Годишен извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2023 година.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top