Во периодот од 26 август до 1 септември, односно за една седмица, грчката полиција примила 894 повици за семејно насилство, потребно било да се справи со 452 случаи, а уапсено било 291 лице, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од грчката полиција, на 119 жени жртви на насилство им била инсталирана специјалната тајна апликација „Panic Button“, а 13 жени биле згрижени во соодветни центри, кои функционираат во сите региони во рамките на полицијата, односно т.н. „безбедни куќи“ („safe houses“) за краткорочно безбедно сместување на како на жртвите на семејно насилство, така и на членови на нивното семејство, како што се нивните малолетни деца, на кои им е потребна заштита.
Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис, минатата седмица во интервју за грчката телевизија „Скај“ истакна дека оваа година двојно се зголемени случаите на семејно насилство, посочувајќи дека од јануари до јули годинава имало вкупно 12.459 случаи, наспроти 6.797 во истиот период лани, биле уапсени 7.467 лица, а минатата година имало 3.858 апсења.
Во однос на апликацијата „Panic Button“ рече дека им била инсталирана на 2.800 жени, а била активирана 290 пати.
На крајот на март минатата година, грчката полиција ја воведе апликацијата „Panic Button“ за помош на жени жртви на семејно насилство и веќе е достапна во цела Грција, а станува збор специјална, тајна апликација за мобилните телефони што не дозволува трети лица, кои можеби имаат пристап до уредот на жртвата, да ја откријат апликацијата.
Жените жртви на семејно насилство, откако ќе ја инсталираат апликацијата на нивните мобилни телефони, со притискање на едно копче, можат итно и безбедно да ја известат полицијата доколку се во опасност.
Апликацијата мора претходно да биде инсталирана и активирана во полициска станица и ги содржи сите податоци на жртвата на семејно насилство. (МИА)