Македонија

Тошковски: МВР ќе одговори на сите предизвици, безбедносната состојба во моментов не е загрозена

Во однос на прашањето за свикување на Советот за безбедност, тој одговори дека го поддржува ставот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова оти во овој момент нема потреба од тоа.

Тошковски: МВР ќе одговори на сите предизвици, безбедносната состојба во моментов не е загрозена

Министерството за внатрешни работи ќе одговори на секој предизвик кој што ќе се постави пред него во рамки на неговите надлежности, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, безбедносната состојба на државава не е загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност.

Во изјава за медиуми по денешната посета на пунктот за промена на лични документи „Пролет“ во Скопје, Тошковски рече дека доколку ги има безбедносни предизвици МВР ќе се справи со нив.

– МВР ќе одговори на секој еден предизвик којшто ќе се постави пред него во рамки на неговите надлежности. Покажавме досега дека можеме да се соочиме со сите предизвици и да ги решиме соодветно, така ќе биде и во иднина. Во изминатиот период имаше информација за немири. Дали ќе се справиме со нив – да, рече министерот.

Во однос на прашањето за свикување на Советот за безбедност, тој одговори дека го поддржува ставот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова оти во овој момент нема потреба од тоа.

– Сметам дека во овој момент нема потреба од свикување на тоа тело. Има информации и најави, но сметам дека во овој момент безбедносната состојба не е загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност, рече Тошковски.

За најавените истраги против високи функционери, министерот рече дека прашањето е дали тие ќе бидат спроведени во законска постапка и ќе се процесуираат.

– Истраги има и ќе има за поранешни функционери, за сегашни функционери, за луѓе коишто не се функционери, за правни лица, за физички лица. Нормално е да има истраги. Прашањето е дали тие истраги ќе бидат спроведени во една законска постапка, дали тие истраги ќе процесуираат – процесни дејствија во иднина коишто ќе завршат на крајот како што заврши на пример, да речеме, оној предмет со врховниот судија и членот на Советот на јавни обвинители. Ако имаме истраги и процесни дејствија коишто на крајот ќе резултираат да корумпираните судии, јавни обвинители, функционери итн. ги отстраниме од општествениот живот во Македонија, тоа значи дека сме ја постигнале целта, рече Тошковски.

За постапката против шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за случувањата на скопскиот аеродром, Тошковски посочи дека случајот е решен.

– Секој има право да згреши, но системот не треба да згреши. Во овој случај системот покажува дека функционира, што не беше случај во минатото. Предметното лице е суспендирано од работата, за лицето е поднесена кривична пријава, обвинителството се надевам дека ќе процусуира во рамки на нивните надлежности, судот исто така. Овој случај е решен, изјави Тошковски.

Додека, во однос на прашањето дали полицијата е подготвена за состојбата по одлуката на Уставниот суд во однос на Законот за јазици откако двата блока на албански партии најавија несогласување околу евентуалната одлука, повтори дека МВР ќе одговори на секој еден предизвик во иднина, во рамки на неговите надлежности.

Во однос на 189-те незаконски распоредувања во МВР од страна на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи, односно за колку бил оштетен буџетот на МВР со овие дејствија, министерот одговори дека тоа ќе биде дел од процесот во иднина.

– Точна информација немам, но тоа ќе биде дел од процесот којшто ќе тече во иднина, така што со сите детали ќе биде запознаена јавноста. Инаку, таму треба да следи постапување согласно мислењето на ДКСК, мислам дека беа некаде околу 200, точна ви е бројката. Во изминатиов период се утврдуваше кој процесен чекор ќе се преземе од аспект на тоа дали ќе треба да се влезе со носење на акт од страна на Министерството или, пак, од страна на Владата, имаме консултации со Секретаријат за законодавство и ќе постапиме во иднина согласно мислењето на ДКСК во насока да се донесат законити решенија коишто понатаму ќе го процесуираат она кое што треба да го процесуираат, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Најнови вести од Македонија

To top