Со специјален лет Русија врати дома 103 свои граѓани евакуирани од Појасот Газа, соопшти денеска руското Министерство за вонредни ситуации.
Во соопштението се наведува дека руските државјани биле вратени во Русија со изнајмен авион Иљушин-76.
„Во текот на изминатите 24 часа, 101 Русин се евакуирани од Појасот Газа во Египет, со што вкупниот број на евакуирани Руси се искачи на 750“, се наведува во соопштението.
Повеќе од 650 од евакуираните се вратиле во Русија со авион, меѓу кои и повеќе од 300 деца.
Кремљ вчера го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа кој стапи на сила денеска, опишувајќи го како „прва добра вест по долго време“ во конфликтот меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.
Според Москва, само преку хуманитарни паузи може да се создадат услови за изнаоѓање трајно решение.