Македонија

Јаневска: Со навремено испорачани учебници и подобро организирана настава започнува учебната 2024-2025 година

Јаневска: Со навремено испорачани учебници и подобро организирана настава започнува учебната 2024-2025 година

За прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Обезбедени се 10тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле испечатени. Наставата нема да трае подолго од 10 јуни и нема да има пролетен распуст. Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1000 образовни асистенти. Изготвен е и Протокол за организирање настава во услови на топлотен бран.

За подготовките и новините во учебната 2024-2025 година денеска прес конференција одржа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која рече дека во овие два месеци од нејзиното назначување на функцијата, заедно со вработените во министерството, како и со другите надлежни институции успеале да го подигнат девастираниот образовен систем од претходното лошо менаџирање.

„За прв пат по седум години, учебната година започнува со учебници. Ова беше еден од приоритетите на моето работење и можам да кажам дека дадениот збор е успешно исполнет. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“, рече Јаневска.

Таа потсети обезбедени се учебници и наставни материјали за бројни предмети за кои досега немаше.

„По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, како и за предметите историја и географија за седмо одделение обезбедивме печатени материјали на сите 5 наставни јазици, со оглед на тоа што немаше одобрени учебници. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник“, нагласи министерката.

Единствено во основното образование ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае. Најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.

„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката за образование и наука.

Додаде дека имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена во седмо, осмо и деветто одделение, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.

„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025та-2026та, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“, истакна Јаневска.

Го повтори ставот на МОН и на Владата дека покачување на платите на наставниците е предвидено во 2025 година. Годинава нема можност за интервенирање поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари.

„Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство“, потенцираше министерката.

Според статистичките податоци кои ги сподели Јаневска, во училиштата има 245 илјади основци и средношколци. Бројка која, како што рече е намалена за 17 илјади во последните седум години, а во истиот овој период, бројот на првачиња е намален за околу 3,5 илјади.

To top