Свет

Анкета: Поддршката за Трамп пред Харис за економијата и криминалот се намалува

Анкета: Поддршката за Трамп пред Харис за економијата и криминалот се намалува

Намалувањето на поддршката што кандидатот за претседател на Републиканската партија, Доналд Трамп, ја има пред демократската кандидатка Камала Харис во однос на темите како економијата и криминалот, е потврдено во ново истражување на јавното мислење спроведено од Ројтерс/Ипсос.

Резултатите од анкетата, спроведена помеѓу 23 и 25 август, покажуваат дека 43 отсто од испитаниците го претпочитаат пристапот на Трамп кон економијата и вработувањето, додека 40 отсто се на страната на Харис.

Разликата од 3 проценти е премногу мала, имајќи ја предвид дозволената грешка на истражувањето од 4 процентни поени. Во анкета на Ројтерс/Ипсос од крајот на минатиот месец, Трамп имаше предност од 11 проценти во однос на економската политика.

Поддршката за Харис и Трамп во однос на темите криминал и корупција е изедначена – по 40 отсто. За споредба, републиканскиот лидер водеше со 5 проценти во јулската анкета.

Последните национални истражувања покажуваат дека Харис има мала предност пред Трамп, откако таа се вклучи во трката на 21 јули, по одлуката на претседателот Џо Бајден да ја прекине својата кампања. Во анкетата на Ројтерс/Ипсос од крајот на јули, Харис го надминува Трамп со еден процент (43% наспроти 42%).

Претстои да се види како одлуката на независниот кандидат Роберт Ф. Кенеди Помладиот да ја прекине својата кампања ќе влијае на трката. Кенеди Помладиот, кој во јули имаше поддршка од 8%, во петокот изјави дека го поддржува Трамп.

Последната анкета на Ројтерс/Ипсос покажува дека економијата е најголемиот проблем за 26 отсто од регистрираните гласачи. На второ место, со 22 проценти, се наоѓа политичкиот екстремизам и заканите за демократијата, а 13 отсто од анкетираните ја посочуваат имиграцијата како основен проблем.

Испитаниците кои го претпочитаат пристапот на Харис во однос на борбата против екстремизмот изнесуваат 42 отсто, додека Трамп има поддршка од 36 проценти од анкетираните во однос на ова прашање.

Што се однесува до имиграциската политика, 45 отсто од анкетираните го одобруваат пристапот на републиканскиот лидер, додека 37 отсто ја поддржуваат кандидатката на Демократската партија.

Ниту еден од двајцата кандидати не ужива широка јавна популарност – 59 отсто од гласачите изјавиле дека имаат неповолно мислење за Трамп, а за Харис истото го рекле 52 отсто од испитаниците. Таа е позитивно перцепирана од 47 отсто од гласачите, во споредба со 39 проценти за Трамп.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена меѓу 1028 полнолетни лица од целата земја, од кои 902 се регистрирани гласачи.

Најнови вести од Свет

To top