Според портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, превирањата во албанскиот партнер не се закана за владејачкото мнозинство и оти во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои.
„Владата е стабилна, со самиот став ЗНАМ и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата Вреди кои ја поддржуваат Владата“, рече Мемов.
Тој додаде дека случувањата во Вреди се нивно внатрешно прашање.
Партијата синоќа одржала седница на Извршниот одбор на која ја разгледувала актуелната политичка ситуација во земјата. Еден од усвоените заклучоци што го изнесе портпаролот на денешната прес-конференција е дека за Движењето ЗНАМ За наша Македонија не е прифатлива соработка со поранешни актуелни и идни функционери, пратеници и членови од редовите на СДСМ за кои имаа индиции дека учествувале или се дел од организираниот криминал и корупцијата во Македонија.