Најмногу снег според информацијата на раководителот Влатко Цоневски има на планината Голак каде механизација на претпријатието веќе извршила чистење, а поради обилниот снег на самото место на терен таму ќе остане возило на подружницата заради навремена интервенција во случај да се зголеми снежната покривка во текот на ноќта.
-На останатите делници немаме проблеми, на местата каде имаме повеќе снег веќе има наши екипи таму. Помината е делницата од Делчево кон Граничниот премин кон Република Бугарија. На останатите патни правци кои ги покриваме засега немаме проблеми, вели Цоневски.
Според него, искачувањето на планинските места од страна на граѓаните во моментот не е најдобра идеја поради што апелира доколку немаат потреба да се воздржат од патување.
Освен на Голак, во моментот поголема снежна покривка има во Пехчево и Берово, како и на Малешевските Планини. За сите кои патуваат апелот од надлежните е крајна претпазливост, носење задолжителна зимска опрема и почитување на сообраќајната сигнализација.