Вести обединети нации

Во 2023: За 50 отсто зголемен бројот на сексуално насилство во конфликти

Во Советот за безбедност на ОН се одржа седница за сексуално насилство во конфликти.

Во 2023: За 50 отсто зголемен бројот на сексуално насилство во конфликти

Обединетите нации објавија дека во 2023 година бројот на случаи на сексуално насилство во конфликти е зголемен за 50 отсто во однос на претходната година, пренесува Анадолија.

Во Советот за безбедност на ОН се одржа седница за сексуално насилство во конфликти.

Прамила Патен, специјална претставничка на генералниот секретар на ОН за сексуално насилство во конфликтни зони, го објави 15-тиот годишен извештај на генералниот секретар Антонио Гутереш за сексуалното насилство во конфликти.

Таа истакна дека има невиден пораст на милитаризацијата низ светот.

– Додека жените и децата гладуваат, воените трошоци ширум светот истовремено надминаа 2,2 трилиони долари. Додека буџетите за хуманитарна помош се намалуваат, оружјето продолжува да се доставува до криминалците, а жртвите продолжуваат да страдаат, рече Патен.

Таа нагласи дека ОН регистрирале вкупно 3.688 случаи на сексуално насилство во конфликти во текот на 2023 година.

Патен рече дека сексуалното насилство особено ги погодува жените и децата. Таа додаде дека и израелските сили вршат сексуално насилство врз Палестинците.

– Според информациите потврдени од ОН, на окупираниот Западен Брег, жените и мажите приведени од израелските сили по 7 октомври биле изложени на злоупотреба, вклучително и сексуално насилство. Слични обвинувања има и во Газа, рече Патен.

Амбасадорката на добра волја на ОН и актерка Данаи Гурира не можеше да ги задржи солзите во својот говор, истакнувајќи дека сексуалното насилство продолжува да расте во светот и покрај сите напори на ОН.

To top