Вести

Трајчевски: Деновите на медиумска писменост се најзначајниот национален настан за мобилизација и подигнување на свеста

Трајчевски: Деновите на медиумска писменост се најзначајниот национален настан за мобилизација и подигнување на свеста

Деновите на медиумска писменост се најзначајниот национален настан за мобилизирање на граѓаните, граѓанските организации, образовните установи, медиумите и државните институции, како и за подигање на нивната свест за важноста на медиумската писменост, изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

На отворањето на шестото издание на Денови на медиумска писменост 2024 кои ќе траат до 4 ноември, Трајчевски кажа дека оваа година, во согласност со општата тема на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост, организирана од Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, ДМП2024 ќе се одржат под мотото „Твојата свест е најважниот филтер“.

Петнаесет членки на Мрежата за медиумска писменост, и нивни поддржувачи, ќе организираат 22 настани на различни локации низ целата држава, а некои од нив ќе се одржат и онлајн.

По денешното отворање во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје од 09:30 до 10:30 ќе се одржи работилница на тема „Вештачката интелигенција и авторските права“, организирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соработка со Сојузна Република Германија. Следува панел дискусија на тема „Етика во користењето на вештачката интелигенција“, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која ќе се одржи од 10:45 до 11:45. Денот ќе заврши со работилница на тема „Политики за развој на свесноста за ризиците од дезинформации“, организирана од Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), која ќе се одржи од 12 до 13 часот.

Според најавата, утре од 13:00 до 15:30 часот, во републичкото Собранието ќе се одржи панел дискусија на тема „Медиумската писменост и младите“, организирана од Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС. Во исто време, од 12 до 15 часот, во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Од 14 до 15 часот во Europe House во Скопје ќе се одржи панел дискусија на тема „Увезени дезинформации (фокус на Олимписките игри 2024)“, организирана од Делегацијата на Европската Унија.

На 30 октомври, од 10 до 12 часот, во Хотел Лимак во Скопје ќе се одржи „Националната конференција за медиумска писменост во образованието“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и ИРЕКС. Потоа, од 12:00 до 14:30 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи панел дискусија на тема „Зајакнување на новинарскиот интегритет и одговорност“, организирана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и ИФЕС. Во исто време, од 12 до 14 часот, во Младинскиот центар во Кавадарци ќе се одржи работилница на тема „Паметно живеење во дигиталниот свет“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската унија. Радио Канал 77 ќе ја слави медиумската писменост на својата програма во текот на целиот ден.

На 31 октомври, од 09:30 до 12:30 часот, во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Потоа, од 10:00 до 12:00 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи работилница на тема „Медиумската писменост и средношколците“, организирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Твининг проектот. Денот ќе заврши со работилница на тема „Вештачка интелигенција: можности и ризици“, која ќе се одржи од 12:30 до 14:30 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

На 1 ноември, од 10:00 до 14:00 часот, Радио МОФ ќе организира Отворен медиумски ден. Во 11:00 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи отворена седница на Комисијата за жалби на тема „Предизвици за медиумската саморегулација“, организирана од Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ). Потоа, од 12:00 до 14:00 часот, во Europe House во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Паметно живеење во дигиталниот свет“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската унија. Денот ќе заврши со вебинар на тема „Дезинформации на Западен Балкан: Трендови, предизвици и одговори“, организиран од Фондацијата Метаморфозис, кој ќе се одржи од 13:00 до 14:00 часот онлајн.

На 2 ноември, од 12:00 до 12:30 часот, Радио МОФ ќе организира видео дискусија на тема „Дигиталниот живот на младите“, која ќе се одржи онлајн.

На 4 ноември, од 10:00 часот, во Хотел Арка ќе се одржи работилница на тема „Препознавање и одговор на говорот на омраза“, организирана од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и ОБСЕ. Потоа, од 12:00 часот, Радио МОФ ќе организира видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“, кој ќе се одржи онлајн. Во исто време, од 12:30 до 14:30 часот, во Младинскиот центар во Пробиштип ќе се одржи работилница на тема „Лице в лице: Кокреираме приказни“, организирана од Лице в лице и ГРИГ.

Денот и целата програма ќе завршат со годишниот состанок на Мрежата за медиумска писменост, кој ќе се одржи од 14:00 до 15:00 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

To top