Свет

Зеленски ќе се сретне со Шолц во Берлин пред да отпатува за Париз

Украинскиот претседател минатата година со видео обраќање ја отвори меѓународна безбедносна конференција.

Зеленски ќе се сретне со Шолц во Берлин пред да отпатува за Париз

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц, во рамките на неговата втора официјална посета на Германија од почетокот на целосната руска инвазија.

Како што пренесе ДПА, се очекува Шолц и Зеленски да потпишат долгорочен безбедносен договор.

Зеленски ќе се сретне и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин, пред да отпатува за Париз каде ќе има состанок со францускиот претседател Емануел Макрон.

Двајцата лидери, исто така, се очекува да потпишат билатерален безбедносен договор. Договорите се однесуваат на одлуката донесена од шефовите на држави и влади на НАТО на нивниот самит во Вилнус во јули.

Процесот го почна Велика Британија со 10-годишен договор и се очекува да следат и други членки на НАТО.

Договорот меѓу Велика Британија и Украина предвидува Лондон да ја поддржува Украина сега, а исто така и во сите идни конфликти со Русија. Договорот вклучува брза и долгорочна воена помош, но не бара распоредување на британски војници.

Зеленски утре треба да се обрати на Минхенската безбедносна конференција, каде што ќе има билатерални средби со светските лидери, вклучително и со американската потпретседателка Камала Харис.

Украинскиот претседател минатата година со видео обраќање ја отвори меѓународна безбедносна конференција.

Оваа година тој ќе присуствува лично за првпат откако Русија ја нападна Украина пред речиси две години.

Во мај минатата година, Зеленски ја посети Германија првпат од почетокот на војната. Тој, исто така, кусо ги посети американските сили стационирани во Визбаден во декември за време на патувањето низ европските земји. (МИА)

To top