Контроверзното патување во Москва на словачкиот премиер Роберт Фицо го предизвика украинскиот претседател Володимир Зеленски дополнително да го критикува својот сосед, пренесе ДПА.
– Беше јасна грешка за Фицо да верува дека може да ги продолжи своите матни зделки со Москва на неодредено време, напиша Зеленски на Х.
Приказот на Зеленски за настаните е следниов: Пред да се запре транзитот на рускиот гас низ Украина, Киев сакаше да и помогне на Словачка, но Фицо „дрско ја отфрли“ оваа понуда, и покрај тоа што беше предупреден од многу европски политичари.
Сега тој се обидува „да ја префрли вината на другите со Пи-Ар, лаги и гласни обвинувања“, напиша Зеленски.
– Но, проблемот е што тој се обложи на Москва, не на неговата земја, не на обединета Европа и не на здравиот разум. Тоа беше неуспешен облог од самиот почеток, нагласи Зеленски.
Фицо отпатува за Москва непосредно пред Божиќ и разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за можноста Словачка да се снабдува со руски природен гас.
Киев го прекина договорот за транзит со Европа на крајот на годината со цел Москва да остане без приходи за воени цели.
Илјадници луѓе во петокот протестираа во 15 словачки градови против политиката за Украина на левичарскиот националист Фицо. Тие го обвинија за проруски курс и за „предавство“ на западните сојузници и соседна Украина, која е нападната од Русија.
Организаторите на демонстрациите го критикуваа патувањето на Фицо во Москва како „покорност“ на руските интереси. (МИА)