Вкупните воени загуби во жива сила на Русија и Украина од почетокот на руската инвазија врз Украина ја надминаа бројката од еден милион убиени и ранети, соопшти денеска „Волстрит журнал“.
Весникот се повикува на доверливи украински владини информации и информации од западни разузнавачки служби.
Воените загуби на Украина се проценуваат на 80.000 убиени војници и 400.000 ранети. Загубите на Русија пак изнесуваат 200.000 убиени и 400.000 ранети, наведува изданието, повикувајќи се на проценки на западните разузнавачки служби.
Слична проценка за руските загуби дава и британската воена разузнавачка служба. Дополнително, Министерството за одбрана на Обединетото Кралство констатираше намалување на темпото на регрутирање на нови војници во руската армија.
Темпото на руското воено регрутирање во 2024 година се намали во споредба со темпото постигнато во 2023 година. На крајот на 2023 година, руските официјални лица тврдеа дека Министерството за одбрана на Русија дневно регрутира околу 1.600 луѓе. Сепак, оваа година, според објавените податоци, оваа бројка изнесува околу 1.000 лица на ден.
Овие бројки во одредена мерка најверојатно се зголемени, соопшти британското воено министерство на социјалната мрежа „Х“ наведува весникот.