Речиси 100 денови пред почетокот на Олимписките игри во Париз, невладината организација за заштита на водите Surfrider Foundation предупреди на „алармантна“ состојба на водите во реката Сена во која ќе се одржат неколку олимписки и параолимписки натпревари.
Невладината организација изрази загриженост за квалитетот на водата во Сена по анализа на примероците на вода извршени во изминатите шест месеци.
Од 14 мерења спроведени од крајот на септември 2023 година до март оваа година, на местата каде што ќе се одржуваат натпреварите во триатлон и пливање во отворени води, на 13 се откриени „високи или многу високи концентрации на двете бактерии кои укажуваат на фекална контаминација – ешерихија коли и ентерококи“.
Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, а Параолимписките од 28 август до 8 септември.