Тројца Италијанци загинаа откако се урнал хеликоптер кој превезувал скијачи во Канада, а четири лица се тешко повредени, јави денеска италијанската новинска агенција АНСА, повикувајќи се на извори.
Локалната туристичка компанија која организира летови за скијачи соопшти дека најмалку три лица загинале, а неколку се тешко повредени кога хеликоптер со скијачи се урна во близина на Терас, во канадската провинција Британска Колумбија.
Компанијата не даде веднаш дополнителни детали за несреќата, објави „Вашингтон пост“. Претседателот на компанијата Џон Форест рече дека соработуваат со канадската коњичка полиција и властите кои ги истражуваат причините за инцидентот.
Најмалку седум лица се наоѓале во хеликоптерот, соопшти локалната волонтерска спасувачка група. Терас е град со 12.000 жители, на околу 112 километри од границата со Алјаска.