Тринаесет лица, меѓу кои девет деца, загинаа синоќа во израелските напади врз Рафа, на југот на Газа, соопштија денеска здравствените власти во областа.
Израел речиси секојдневно извршува напади врз Рафа, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се засолнија од борбите во други делови на палестинската територија.
Израел, исто така, најави дека ќе ја прошири својата копнена офанзива кон градот, кој се наоѓа на границата со Египет, и покрај меѓународните повици за воздржаност, вклучително и апелите од САД.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа како дел од поширокиот пакет помош, одобри 26 милијарди долари за Израел, од кои девет милијарди долари се наменети за хуманитарна помош за Газа.