Милиони жители на главниот град на Колумбија, Богота, се соочуваат со рестрикции на водата поради суша каква што немало во последните 40 години. Градот е поделен на девет зони, а градски резервоар е на минимум.
Колумбиските власти го поделија регионот околу главниот град на девет зони – на секоја зона наизменично се исклучува снабдувањето со вода на 24 часа. Се проценува дека над 10 милиони луѓе се погодени од овие мерки. Болниците и училиштата се изземени од рестрикциите.
Градоначалникот на Богота, Карлос Фернандо Галан ситуацијата ја нарече исклучително тешка.
„Да не трошиме ни капка вода во Богота во овој момент. Тоа ќе ни помогне побрзо да ги отстраниме или намалиме овие ограничувања“, рече Галан на прес-конференција на која ги презентираше мерките за штедење.
Ограничувањата, кои беа објавени претходно оваа недела, стапија на сила вчера. Тој објасни дека градските власти за две недели повторно ќе ја проценат ситуацијата и соодветно ќе донесат одлуки.
Колумбискиот претседател Густаво Петро најави „значителна промена“ во заштитата на водните ресурси во следните 30 години.