Претставници на властите во Газа денеска соопштија дека Израел извршил воздушни напади врз или во близина на најмалку три болници, нагласувајќи ја критичната состојба на здравствениот систем во палестинската енклава додека се обидува да се справи со илјадници повредени или раселени луѓе во Газа.
– Израелските окупациски сили изведоа симултани напади врз неколку болници во последните часови, изјави портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал-Кидра, за телевизијата Ал Џезира.
Меѓу именуваните медицински установи е и најголемата болница во Газа, Ал Шифа, каде Израел вели дека Хамас има скриени командни центри и тунели, што Хамас го негира. Кидра рече дека Израел го нападнал дворот на медицинскиот комплекс во градот Газа и дека има жртви, но не наведе детали.
Израелската војска веднаш не го коментираше извештајот на Кидра, за кој светските агенции нагласија дека не може независно да се потврди.
Болниците во Газа се борат да се грижат за жртвите од повеќе од едномесечните напади на Израел, чија цел е уништување на палестинската милитантна група Хамас, бидејќи медицинските материјали, водата за пиење и горивото за генераторите за струја се при крај.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека 18 од 35 болници во Газа и 40 други здравствени центри не се во функција, или поради бомбардирањето или поради недостиг на гориво.