Специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп, Стив Виткоф, денеска го најави почетокот на втората фаза од планот за прекин на конфликтот во Појасот Газа.
Во објавата на Виткоф се наведува дека втората фаза од планот за прекин на конфликтот во Појасот Газа подразбира воспоставување на технократска палестинска администрација во окупираната енклава.
– САД очекуваат дека Хамас во целост ќе ги исполни своите обврски, вклучувајќи го и итното враќање на последниот починат заложник. Непостапувањето по тоа прашање ќе доведе до сериозни последици, објави Виткоф на X.
Примирјето во Појасот Газа стапи во сила на 10 октомври, но Израел и палестинската милитантна група Хамас меѓусебно се обвинуваат за кршење на договорот. Функционер на Хамас денеска изјави дека групата ги повикала посредниците да интервенираат за да се запрат секојдневните убиства на Палестинците. Според податоците на здравствените служби во Појасот Газа, повеќе од 440 Палестинци, главно цивили, се убиени од почетокот на примирјето.