Свет САД

Венс ќе го посети Минеаполис за разговор со локалните заедници и поддршка за федералните служби

Потпретседателот ќе биде домаќин на тркалезна маса со локалните лидери и членови на заедницата за да разговараат за „враќање“ на законот и редот во Минесота и во знак на поддршка ќе се сретне со службениците за спроведување на законот, објави вчера Белата куќа.

Венс ќе го посети Минеаполис за разговор со локалните заедници и поддршка за федералните служби

Американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс, денеска ќе го посети Минеаполис, во сојузната држава Минесота, за да ја поддржи големата операција за спроведување на законот во градот, каде што ситуацијата е напната откако 37-годишна мајка на три деца беше убиена од полицаец на ICE.

Со оглед на тоа што градот и земјата се длабоко поделени поради пукањето и убиството на Рене Гуд на 7 јануари, посетата на потпретседателот има за цел да покаже поддршка за работата на Службата за имиграција и царина, која е дел од сила од 3.000 полицајци распоредени во областа, јавија британските медиуми.

Минесота е меѓу државите наклонети кон демократите што се цел на напади од републиканскиот претседател Доналд Трамп, со демонстрирање на употреба на сила од страна на федералната агенција-ICE, за која администрацијата вели дека е насочена кон прекршителите на имиграциските закони и која истражува измами со социјална помош во сомалиската заедница, потсетија британските медиуми.

Трамп и неговите поддржувачи го опишаа распоредувањето на федералната полиција како неопходен одговор на благите демократски политики за криминалот и имиграцијата.

Локалните демократски лидери и демонстранти ги обвинија агентите на ICE за агресивни тактики и расно профилирање и го повикаа Трамп да се воздржи од она што го нарекуваат провокација што ги дели Американците.

Тешко вооружени федерални агенти во тактичка опрема ги пребаруваат улиците на Минеаполис, апсејќи осомничени за кои велат дека се опасни криминалци кои ги кршат законите за имиграција, а понекогаш и притворајќи американски граѓани кои ги почитуваат законите, соопшти агенцијата.

Демонстрантите одговорија со свои патроли чии членови свират со свирчиња за да ги предупредат луѓето за активностите на ICE, изразувајќи го своето незадоволство од мерките на Трамп.

Потпретседателот Венс ја презеде водечката улога во одбраната на инцидентите и пукањето на агентите на ICE во Минесота.

Помалку од 24 часа по смртта на Гуд, Венс застана во одбрана на вмешаниот полицаец, ја обвини убиената жена и рече дека инцидентот треба да биде политички тест пред среднорочните избори на Трамп подоцна оваа година, кои ќе одредат кој ќе го контролира Конгресот.

Потпретседателот ќе биде домаќин на тркалезна маса со локалните лидери и членови на заедницата за да разговараат за „враќање“ на законот и редот во Минесота и во знак на поддршка ќе се сретне со службениците за спроведување на законот, објави вчера Белата куќа.

To top