Повеќе од 80 тинејџери, кои беа уапсени за време на протестите по претседателските избори оваа година, беа ослободени во Венецуела овој викенд, соопшти организацијата за заштита на човековите права „Казнен форум“.
Алфредо Ромеро, претседател на организацијата за човекови права „Казнен форум“, на социјалната мрежа „Икс“ синоќа напиша дека 86 тинејџери, уапсени за време на протестите, биле ослободени во изминатите денови.
Изборниот совет на Венецуела и венецуелскиот Врховен суд го прогласија претседателот Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник на изборите. Сепак, целосните изборни протоколи сè уште не се објавени.
Венецуелската опозиција објави свои протоколи, според кои нивниот кандидат Едмундо Гонзалес убедливо победил.
За време на уличните протести по изборите загинаа 27 лица, а 2.400 беа уапсени. Венецуелската влада ја обвини опозицијата за смртните случаи, додека опозицијата тврди дека владата прибегнала кон репресивни мерки.