Интензивирањето на нападите на руските вооружени сили во текот на март, април и мај предизвика многу цивилни жртви и значителна штета на цивилниот имот и инфраструктура, се вели во новиот извештај на Канцеларијата на Високиот комесар за Човекови права (OHCHR) подготвен од Набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права во Украина (HRMMU).
Во извештајот детално се опишува ситуацијата со човековите права во Украина меѓу 1 март и 31 мај 2024 година, и се истакнуваат сложените тешкотии со кои се соочуваат цивилите, кои се движат од непосредна физичка штета до долгорочни социо-економски предизвици.
Во документот се нагласува влијанието врз човековите права од обновените масовни напади на руските вооружени сили врз критичната енергетска инфраструктура, почнувајќи од март, нивната копнена офанзива во регионот Харков во мај, и други случувања и во окупираната територија и во областите контролирани од владата на Украина.
– Со оглед на тоа што во мај имаше најголем месечен број цивилни жртви за речиси една година, борбите оваа пролет зедоа ужасен данок меѓу цивилите, особено во регионот и градот Харков, рече Даниеле Бел, шефица на HRMMU.
– Немилосрдните напади резултираа со трагично губење на животи, раселување и уништување на домови и бизниси, додаде таа.
Меѓу главните причини за големата цивилна штета, HRMMU ја идентификуваше употребата на моќни бомби и ракети фрлени од воздух во населени области и најмалку пет случаи на последователни напади на иста локација во краток интервал што предизвика бројни жртви меѓу луѓето кои први дошле да помогнат.
Во текот на периодот опфатен во извештајот, руските вооружени сили ја почнале својата најголема кампања на напади против критичната енергетска инфраструктура од зимата 2022-2023 година, при што беа убиени и повредени цивили и погодени милиони луѓе низ целата земја.
– Пет бранови напади врз енергетската инфраструктура резултираа со цивилни жртви и значителни прекини на струја за милиони луѓе ширум земјата, со каскадни ефекти врз снабдувањето со вода, мобилната и интернет конекција и јавниот транспорт“, рече Бел.
– Целосното влијание на нападите врз енергетската инфраструктура ќе биде јасно претстојната зима кога намалениот капацитет за производство на електрична енергија на Украина може да остави многумина без пристап до греење и други услуги неопходни за нивниот опстанок, додаде таа.