Најновиот развој на настаните поврзани со руската воена агресија врз Украина, односите меѓу ЕУ и Кина и ситуацијата на Блискиот Исток, ќе бидат главни теми на заседанието на Совет за надворешни работи на ЕУ, со кое ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе започне со размена на мислења со нивниот украински колега Андриј Сибиха преку видеоконференциска врска, при што тој ќе информира за најновата ситуација на терен, за дипломатските напори за постигнување мир и за најитните приоритети на Украина.
По ова европските министри ќе разговараат за тековните мировни напори предводени од САД, при што се очекува да стане збор за преземените безбедносни обврски на ЕУ кон Украина, како и за напорите за долгорочна воена помош и обука и за поддршка на отпорноста на земјата и нејзината одбранбена индустрија, со цел да се засили позицијата на Киев во светло на тековните дипломатски мировни разговори.
Покрај ова, предвидено е министрите да разменат мислења за начините за понатамошно зголемување на притисокот врз Русија, особено преку мерки против на т.н. руска флота во сенка, како и за идните рестриктивни мерки против Москва и Минск.
Во најавата се наведува и дека министрите „веројатно“ ќе го разгледаат и прашањето за финансирање на Украина во 2026 и 2027 година, во пресрет на предвидената дискусија по оваа тема на Самитот на ЕУ закажан за в четврток. Станува збор за планот за обезбедување 210 милијарди евра финансиска поддршка на Украина преку т.н. заем за репарации, кој би требало да се исплати од замрзнатите руски државни средства во ЕУ. Овој план беше разгледуван и на претходниот, октомвриски Самит на ЕУ, но не беше усвоен поради противењето на Белгија. Во меѓу време и покрај напорите на Европската комисија за „отстранување на загриженоста на Белгија во однос на планот“, резерви кон него изразија и Унгарија, Италија, Бугарија и Малта.
Предвидено е на Советот за надворешни работи да биде донесена одлука за потпишување на Конвенцијата за основање на Меѓународна комисија за побарувањата на Украина, како и за состојбата со украинските деца префрлени во Русија по почетокот на војната.
Во врска со односите меѓу ЕУ и Кина, предвидено е Калас да ги информира за билатералната соработка во услови на актуелните геоекономски и геополитички случувања, како и за неодамнешните официјални посети на високо претставници на Унијата на Пекинг.
Министрите за надворешни работи ќе разговараат и за кинеската поддршка на руската агресија врз Украина, по повикот на европските лидери на Самитот ЕУ-Кина во јули оваа година Кина „да го искористи своето влијание за да поддржи праведен и траен мир“ врз основа на принципите на Повелбата на ОН, како и на кој било начин „да не ја овозможува војната“.
На Советот за надворешни работи ќе бидат разменети мислења и за ситуацијата на Блискиот Исток, пред сè за актуелните настани во Сирија, израелско-палестинските односи и состојбата во Либан.
Во однос на Сирија, се очекува фокусот на разговорите да биде ставен на развојот на настаните во земјата една година по падот на режимот на Башар Асад и поширокиот геополитички контекст од овој чин, посебно на предизвиците поврзани со транзицијата на земјата, исполнување на клучните барања на ЕУ и соработка на Унијата со сириските транзициски власти.
Се очекува шефовите на дипломатиите да разговараат и за придонесот на ЕУ во спроведувањето на Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, за поддршката на Палестинските автономни власти, поврзана со хуманитарните потреби, управувањето и безбедноста и за мисиите на ЕУ за поддршка на контролата на граничните премини и за обука на палестинската полиција.
Во делот на темата за Блискиот Исток, ќе биде разгледано и прашањето за Либан и за поддршката на ЕУ за либанските вооружени и безбедносни сили.
Дополнително на министерскиот состанок ќе се разговара и за кипарската кандидатура за претседавање со ОБСЕ, за состојбата во источниот дел на Демократска Република Конго и за состанок меѓу претставници на ЕУ и на западноафриканските држави одржан кон крајот на ноември, а Австрија ќе ги презентира резултатите од неодамнешниот состанок на групата Пријатели на Западниот Балкан, одржан на 4 декември во Виена.
Пред почетокот на Советот, министрите за надворешни работи на членките на ЕУ ќе имаат работен појадок со нивниот ерменски колега Арарат Мирзојан, на кој главна тема ќе биде поддршката на Унијата за подобрувањето на отпорноста Ерменија кон хибридните закани.
По завршување на Советот за надворешни работи, пак, ќе се одржи Советот за асоцијација на ЕУ и Либан, а по него и 7-миот Министерски состанок меѓу Европската Унија и Ангола насловен „Заеднички пат напред“.