Русија и Украина и ноќеска извршија напади со беспилотни летала, кои резултираа со неколку повредени лица и голема материјална штета.
Украински напад со дронови предизвика штети во јужниот руски град Ростов на Дон, додека десетици илјади корисници останаа без електрична енергија во Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, по руски напад со дронови.
Во Ростов на Дон, кој се наоѓа на околу 100 километри од границата со Украина, избувнале два пожара во индустриски објект, соопшти гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, без да прецизира за кој објект станува збор. Подоцна тој изјави дека едниот пожар е целосно изгаснат, а другиот ставен под контрола.
Во нападот биле оштетени и станбени згради, а повредени се четири лица, меѓу кои и четиригодишно дете.
Руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила 48 украински дронови, соопшти Министерството за одбрана на Руската Федерација, пренесе ТАСС. Според соопштението, 25 дронови биле уништени над Ростовската област, 13 над Ставрополскиот крај, пет над Брјанската област, три над анектираниот Крим, како и по еден над пограничните Белгородска и Курска област.
Во меѓувреме, повеќе од 45.000 корисници останале без струја, а над 700 објекти без греење, по масовен руски напад со дронови врз Криви Рих, соопшти раководителот на воената администрација на градот во југоисточната украинска Днепропетровска област, Олександар Вилкул.
Од почетокот на војната пред речиси четири години, Русија често го напаѓа Криви Рих – родниот град на Зеленски, кој синоќа призна дека Украина се соочува со сериозни тешкотии, вклучително и поради целните напади врз енергетскиот систем на земјата во текот на зимата.