Свет

Туск: ЕУ ќе пропадне ако не се вооружи и не остане обединета

Туск: ЕУ ќе пропадне ако не се вооружи и не остане обединета

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека никој нема да ја сфати Европската Унија сериозно, ниту непријателите ниту сојузниците, ако не се вооружи, не верува во сопствената сила и не остане обединета во согласност со слоганот „сите за еден, еден за сите“.

„Конечно мора да веруваме во нашата сила, да продолжиме да се вооружуваме и да бидеме обединети како никогаш досега. Еден за сите, сите за еден. Инаку, не успеавме“, рече Туск на мрежата „X“.

Оваа порака од полскиот премиер доаѓа по интервенцијата на САД во Венецуела, по што, во текот на викендот, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека уште неколку земји би можеле да бидат цел на напад и повтори дека на Американците итно им е потребен Гренланд, што директно влијае на интересите на една од членките на ЕУ – Данска.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски синоќа во интервју за англискиот канал на полскиот јавен телевизиски сервис ТВП Ворлд предупреди дека иако не верува дека САД целосно ќе се повлечат од Европа, тој сојуз ќе биде различен од порано.

„Доколку САД се вклучат во војна во Азија, што не можеме да го исклучиме, можеби нема да можат да ни помогнат. Затоа до крајот на деценијата мора да имаме на располагање такви вооружени сили што Путин нема да се осмели да ги тестира“, рече полскиот министер за надворешни работи.

Сикорски рече дека кога станува збор за Полска, постојат индикации дека САД ќе инвестираат стотици милиони долари во бази во Полска.

„Тие имаат многу поволен договор. Плаќаме 15.000 долари годишно за секој американски војник кај нас. Поевтино е за САД да ги чуваат и обучуваат своите војници тука“, рече Сикорски.

Полскиот министер за надворешни работи го изрази својот страв дека руско-украинската војна ќе се претвори во замрзнат конфликт и дека предавањето на Донбас на Русија би било награда за агресорот и само рецепт за следната војна.

„Со оглед на напредокот на руската армија на фронтот, на Путин ќе му бидат потребни децении за да ја освои Украина. Но, тоа е проблемот со диктаторите, бидејќи кога сте на власт 20 години, никој нема да ви каже како стојат работите навистина“, рече Сикорски.

Според полскиот министер за надворешни работи, праведно решение за конфликтот во Украина може да дојде само кога руските елити ќе сфатат дека инвазијата била грешка.

„На крајот од војната, Украина мора да може да се интегрира во ЕУ, но и да ги брани своите граници. Во спротивно, постои рецепт за следната војна. Праведно решение ќе има само кога руските елити ќе признаат дека првичната инвазија била грешка и дека обновата на руската империја е невозможна“, рече Сикорски, гостин во ТВП Ворлд.

To top