Стотици демонстранти се судрија со полицијата во комерцијалниот главен град на Танзанија денеска, барајќи Националната изборна комисија да престане да ги објавува резултатите од изборите откако тие предизвикаа протести што доведоа до распоредување на вооружените сили и исклучување на интернетот.
Државната телевизија ги емитуваше резултатите од изборите во средата, на кои партијата Чама Ча Мапиндузи, која владее со земјата од независноста во 1961 година, бара уште еден мандат.
На претседателските кандидати од двете главни опозициски партии им беше забрането да се кандидираат, а актуелната претседателка Самија Сулуху Хасан се соочи со 16 кандидати од помали партии со многу ограничена кампања.
Стотици демонстранти се судрија со полицијата во комерцијалниот главен град на земјата, Дар ес Салам, трет ден по ред.
Немирите избувнаа во средата попладне откако младите луѓе излегоа на улиците за да протестираат против малтретирањето на опозициските лидери и ограничениот избор што го имаа на гласачките места. Демонстрантите запалија неколку автомобили, бензинска пумпа и полициска станица.
Владата сè уште не коментираше за обемот на штетата или дали има жртви.
Амнести интернешнл соопшти дека две лица загинале во протестите во средата.
Протестите се проширија низ целата земја, а владата го одложи продолжувањето на наставата на колеџите и универзитетите, кое требаше да започне в понеделник.
Началникот на армијата, генерал Џејкоб Џон Мкунда, го осуди насилството и вчера изјави дека вооружените сили ќе соработуваат со другите безбедносни служби за да ја стават ситуацијата под контрола. (МИА)