Трамп во своето обраќање го нападна и актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, обвинувајќи го дека го организирал неговото судење и пресудата во Њујорк.
Еден ден откако беше прогласен за виновен за фалсификување деловни досиеја, поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска на прес-конференција изјави дека поднесе ќе жалба на пресудата, која ја оцени како измама, пренесуваат светските медиумите.
„Ќе ја обжалиме оваа измама. Ќе се жалиме на многу работи“, рече Трамп на прес-конфенецијата во „Кулата Трамп“ во Њујорк“.
Во долгото обраќање кое траеше повеќе од 40 минути, Трамп кој со вчерашната пресуда на судот во Њујорк стана првиот поранешен претседател на САД осуден за кривично дело, се осврна и на судијата Хуан Мерчан, обвинувајќи го дека за време на процесот се однесувал како тиранин.
„Тој не ни дозволи да имаме сведоци, не ни дозволи да зборуваме, не ни дозволи ништо да правиме. Судијата беше тиранин“, рече поранешниот американски претседател.
Повикувајќи се на анкета на „Дејли мејл“, направена по пресудата, тој тврдеше оти таа покажува дека по одлуката на одлуката на поротата за го прогласи за виновен, неговиот рејтин пораснал за шест процетни поени.
Инаку, како што посочува „Гардијан“, анкетата на која се реферирал Трамп била онлајн анкета на 400 потенцијални гласачи во која бил мерен неговиот рејтинг, а не за тоа како планираат избирачите да гласаат.
Спротивно на оваа, анкетата на „ЈуГов“ (YouGov) покажува дека 27 отсто од гласачите рекле дека пресудата ги прави помали шансите да гласаат за Трапм, за разлика од 26 отсто кои се изјасниле дека сега е поголема веројатноста да гласаат за него. Според оваа анкета, 39 отсто од испитаниците текле дека пресудата не влијае на нивното убедување како ќе гласаат на претседателските избори во ноември.
Инаку, Трамп во неговото обраќање го нападна и актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, обвинувајќи го дека го организирал неговото судење и пресудата во Њујорк.
„Сето тоа доаѓа од Белата куќа. Џо Бајден, најлошиот претседател во историјата на нашата земја. Тој е најлошиот претседател во историјата на нашата земја, најнеспособниот, тој е најглупавиот претседател што некогаш сме го имале. Тој е најглупавиот претседател, најнеспособниот претседател и тој е најнечесниот претседател што некогаш сме го имале“, рече Трамп.
Приведувајќи го пред крај својот говор, Трамп се претстави себеси како борец за Соединетите држави на највисоко ниво.
„Подготвен сум да направам се што треба за да ја спасам нашата земја и да го спасам нашиот устав…Ние ќе ја продолжиме борбата. Ќе ја направиме Америка повторно голема“, рече тој.
Во текот на обраќањето, тој се жалеше на на повеќе работи, а во тој контекст една од главните теми за кои зборуваше беа мигрантите
„Нашите деца повеќе не можат да имаат лигашки натпревар затоа што имате шатори и имате мигранти кои живеат на полињата. Луѓето ги преземаат нашите луксузни хотели, мигрантите, а нашите ветерани, нашите големи ветерани, живеат на улиците како кучиња. Тие живеат на улица, но мигрантите живеат во луксузни хотели и градови низ нашата земја управувани од демократи“, рече Трамп.
Прес-конфренцијата, тој ја затвори со пораката:
„Запомнете, 5 ноември (денот кога треба да се одржат претседателските избори во САД оваа година) е најважниот ден во историјата на нашата земја. Ви благодарам многу“, рече поранешниот американски претседател.
Дванаесетчлената порота на судот во Њујорк вчера го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја, со цел да го прикрие поткупот што ѝ го исплатил на поранешната ѕвезда во филмови за возрасни Сторми Даниелс, непосредно пред претседателските избори во 2016 година.
Пресудата ќе биде изречена на 11 јули.
Според експерти малку е веројатно дека Трамп ќе биде осуден на затворска казна. Според нив ова е негов прв прекршок, а делото за кое е прогласен за виновен е од ненасилна природа.