Џек Тешеира, 22-годишникот обвинет за објавување доверливи документи на американската војска на платформата Дискорд, денеска се согласи на 16-годишна затворска казна.
Тешеира, кој е припадник на Воздухопловната национална гарда на Масачусетс, се согласи да се изјасни за виновен по сите шест точки од обвинението за намерно задржување и пренесување информации за националната одбрана, јави Еј-Би-Си Њуз, повикувајќи се на потпишани судски документи.
Како дел од неговиот договор за признавање вина, Тешеира мора да ги врати на американското Министерство за одбрана и Министерството за правда сите чувствителни материјали што се уште ги поседува.
Тој е во притвор од април 2023 година, кога беше уапсен во домот на неговата мајка во Норт Дајтон, Масачусетс, откако објави доверливи документи на апликацијата за пораки Дискорд. Во тоа време, тој работеше во операции за кибер-одбрана и го држеше чинот пилот прва класа во воздухопловната база на националната гарда Отис во Кејп Код, Масачусетс.
Тешеира почнал да пристапува до доверливи документи почнувајќи од јануари 2022 година, и продолжил дури и откако неговите претпоставени го прекориле за ракување со доверливи документи во септември и октомври 2022 година.
Документите објавени од Тешеира вклучуваат високо доверливи воени документи за воздушната одбрана на Украина, концерните за муниција на Јужна Кореја и израелската разузнавачка агенција Мосад, како и кинеските интереси во Никарагва.
Тој, наводно, ги објавил документите за да ги импресионира другите во групата на платформата Дискорд.
Протекувањето се смета за најсериозно нарушување на националната безбедност на САД откако Викиликс објави повеќе од 700.000 доверливи документи во 2010 година. По апсењето на Тешеира, неговиот командант на единицата, Шон Рајли, беше отпуштен, а 14 други офицери и членови на Воздухопловната национална гарда добија опомени.