Портпаролот на тајландското Министерство за надворешни работи, Никорндеј Баланкура, денеска изјави дека Тајланд ги отфрла посредничките напори на трети земји за ставање крај на тековниот конфликт со Камбоџа.
Тој го повика Пном Пен да ги прекине нападите и да ја реши ситуацијата исклучиво преку билатерални разговори.
Баланкура за Ројтерс изјавил дека САД, Кина и Малезија, која е моментален претседавач на регионалната Асоцијација на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), понудиле посредништво во дијалогот, но Бангкок бара билатерално решение за конфликтот.
– Не мислам дека ни е потребно какво било посредување од трета земја, рекол Никорндеј Баланкура.
Најмалку 16 луѓе, претежно тајландски цивили, загинаа во досега најтешките борби меѓу соседните земји од Југоисточна Азија, кои почнаа вчера. Камбоџа и Тајланд меѓусебно се обвинуваат за почеток на конфликтот, кој брзо ескалираше од оган од лесно оружје до тешко гранатирање долж границата каде што суверенитетот се оспорува повеќе од еден век.