Тајланд и Камбоџа ќе ги продолжат разговорите подоцна неделава со цел да постигнат трајно примирје по должината на границата, изјави шефот на тајландската дипломатија, Сихасак Фуангкеткеов.
Тој нагласи дека напредокот зависи од деталните билатерални преговори, а не од јавните изјави кои, како што рече, го интернационализираат спорот.
Министерот Фуангкеткеов денеска по состанокот на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Куала Лумпур изјави дека договорот за примирје постигнат во октомври бил брзо склучен за да присуствува претседателот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), но дека не содржел доволно детали за да се обезбеди траен крај на вооружениот конфликт.
Според него, иако Камбоџа јавно објави дека е подготвена за безусловно примирје, Бангкок никогаш не добил официјален и директен предлог. Тајланд верува дека ваквите изјави имале за цел зголемување на меѓународниот притисок, а не всушност решавање на проблемот.
Средбата на АСЕАН беше организирана за да се разговара за начините за завршување на сегашната криза меѓу двете земји.
Генералниот граничен комитет, кој вклучува претставници од двете земји, ќе се состане во среда за да разработи детални мерки за постигнување траен прекин на огнот, рече министерот.
„Овој пат, да ги разработиме сите детали и да се осигураме дека прекинот на огнот ја одразува фактичката состојба на теренот, дека е навистина одржлив и дека двете страни целосно го почитуваат договорот“, изјави тој на прес-конференција.
Граничниот конфликт ескалираше во смртоносни борби пред две недели, ставајќи го во прашање договорот промовиран од Трамп со кој се стави крај на петдневните борби во јули.
Договорот беше посредуван од Малезија и имплементиран под притисок од Трамп, кој се закани дека ќе ги повлече трговските привилегии доколку Тајланд и Камбоџа не постигнат договор. Прекинот на огнот беше формализиран со дополнителни детали на регионалниот самит во Малезија во октомври, на кој присуствуваше и Трамп.
Борбите меѓу Тајланд и Камбоџа предизвикаа меѓународна загриженост. Американскиот Стејт департмент вчера ги повика двете земји да „ги прекинат непријателствата, да го повлечат тешкото оружје, да престанат да поставуваат мини и целосно да имплементираат механизми за брзо отстранување на мини и решавање на граничните прашања“.
Конфликтот е резултат на спор за територии за кои двете земји полагаат право на нивната заедничка граница. Најновиот бран борби започна на 8 декември, еден ден откако двајца тајландски војници беа ранети во прекугранична размена на оган. Оттогаш, борбите избувнаа на повеќе фронтови, вклучувајќи ги тајландските воздушни напади врз Камбоџа со ловци Ф-16 и испукувањето илјадници ракети со среден дострел БМ-21 од лансери монтирани на камиони од камбоџанска страна.
Според официјалните податоци, повеќе од триесетина луѓе од двете страни на границата загинаа во последните седум дена од борбите, додека повеќе од половина милион луѓе се раселени.
Како дел од октомвриското примирје, Тајланд требаше да ослободи 18 камбоџански војници, а двете страни требаше да почнат да отстрануваат тешко оружје и мини. Меѓутоа, двете земји продолжија со интензивна воена пропаганда, со помали прекугранични конфликти.